
Националната мрежа против хомофобија и трансфобија има задоволство да ве покани на втората Парада на гордоста во Скопје, која ќе се одржи на 26 јуни 2021 година.
После првата, успешно спроведена парада во 2019 година, оваа година Скопје Прајд повторно се враќа во физичкиот јавен простор. Иако неизвесноста во која нѐ втурна пандемијата на КОВИД-19 е сѐ уште присутна, сепак сме среќни што состојбата се стабилизира и што имаме шанса повторно гордо да зачекориме по скопските улици.
Вон ѕидовите
Слоганот на овогодишната скопска парада на гордоста е „Вон ѕидовите!“. ЛГБТ+ заедницата, како ретко која друга група граѓани, добро ја познава изолацијата и често искусува живот скриен меѓу ѕидовите на нашите мали, приватни простори. Имајќи предвид дека парадите на гордоста имаат за цел да ја зголемат видливоста на нашата заедница, слоганот го посветуваме на сите ЛГБТ+ луѓе кои гордо и достоинствено ќе се приклучат на поворката, но и на сите оние кои од различни причини не можат да бидат отворени и да бидат дел од парадата, давајќи им поддршка и ветување дека здружно ќе продолжиме да работиме на рушење на ѕидовите и креирање нов и подобар свет за сите нас. Конечно, слоганот го посветуваме и на сите останати луѓе во нашата земја, бидејќи изолацијата и затвореноста меѓу ѕидови е нешто што заедно го искусивме изминатиот период и чие надминување стана заедничка цел и желба.
Парадата на гордоста е славење на слободата, различноста, прифаќањето, љубовта. Во овие тешки и комплицирани времиња, потребно е, повеќе од кога било, да ги реафирмираме стремежите кон посолидарно, похумано и поправедно општество. Воедно, парадата испраќа порака дека место под сонцето има за секого; таа е и протест и прослава, и болка и радост, и врисок и мелодија. Да останеме свои и да ги поддржиме оние кои тоа засега не го можат. Се гледаме на Прајд!