Премини на содржината

Скопје Прајд 2022: Излеговме за љубов и љубов ни се случи!

На третиот Скопје Прајд силно одекнаа пораките за љубов, еднаквост, достоинство и правда. Во овие кризни времиња полни со агресија, конфликти и омраза, на скопските улици во саботата, на 25 јуни, маршираа илјадници насмеани и позитивни луѓе, припадници на ЛГБТИ заедницата и поддржувачи на борбата за еднакви права за сите. На почетната точка, во паркот „Жена-борец“, беа испратени главните пораки на Прајдот – Ева Цветковска, претседателката на Универзитетското студентско собрание се осврна на дискриминацијата на ЛГБТИ младите во македонскиот образовен систем и насилството на кое секојдневно се подложени. Пратеничката Моника Зајкова ги повика нејзините колеги во Собранието да се одважат и конечно да го изгласаат Законот за матичната евиденција, со којшто ќе се регулираат ознаките за пол на трансродовите лица. Пораки за поддршка и истрајност искажа и пратеничката во Европскиот парламент, Ким ван Спарентак.

За разлика од претходните две паради на гордоста во Скопје, годинава се маршираше во попладневните часови, а крајната точка беше Стадионот на АРМ во Градскиот парк. Со свои настапи и учество годинава нѐ почестија: Андреа, Наде Талевска Спасовска, Alex Elektra, Dita Von Bill, Lana Vee, Divon Jane, Linda Socialista, Ronda Vu, DJ Јана Тодоровска, DJ Марко Рикаловски, DJ Џинџер, DJ Андреј Мицајков, DJ Мартина Пенева и прекрасната водителка на настанот, актерката Наталија Теодосиева.

Организациониот одбор на Скопје Прајд им благодари на сите граѓанки и граѓани коишто со лично присуство придонесоа да се создаде величествена атмосфера на заедништво и солидарност, наспроти бројните изливи на омраза, кои се пропратен дел од сите случувања кои ја прават видлива ЛГБТИ заедницата. Скопје Прајд како настан кој ги отфрла прангите на стигмата, на системското и семејното насилство, ги засени сите зборови полни со омраза, нетрпеливост и морална супериорност, без оглед дали тие доаѓаат од политичари, медиумски работници или од „ботови“ по социјалните мрежи.

Најголеми пофалби упатуваме до волонтерите, кои безрезервно се вложија во организацијата на Прајдот и на промотивните настани кои му претходеа. Изразуваме благодарност до Министерството за внатрешни работи, чии припадници и годинава беа на висина на задачата и професионално го обезбедуваа Прајдот, како и до Министерството за одбрана, кое ни овозможи да го користиме армискиот стадион за забавниот дел од програмата.

Скопје Прајд 2022 беше поддржан од Европската Унија, Амбасадата на Соединетите Американски Држави, Civil Rights Defenders, Balkan Trust for Democracy, Норвешка, Фондација Отворено Општество Македонија, ИЛГА-Европа, Фондацијата Хајнрих Бол, ЕРА – Асоцијација за еднаквост на ЛГБТИ за Западен Балкан и Турција, ИнтерПрајд, ЕПОА – Европската асоцијација на Прајд организатори, Ромалитико и USAID.

е-Билтен

Регистрирајте се на нашата мејлинг листа за да бидете во тек со новините и активностите

Забелешка: На вашата е-пошта ќе стигне порака од нас со линк на кој треба да кликнете за да ја комплетирате регистрацијата.

Апликација за волонтер

За почеток, претставете ни се.
Како можеме да ве контактираме?
Кои се вашите вештини и интереси?