И четвртата скопска Парада на гордоста ја одбележаа силните и храбри пораки за еднаквост, достоинство и љубов. Нашата актуелна реалност е преполна со омраза, насилство и агресија кон ЛГБТИ заедницата, особено со засилените антиродови движења, но улиците на Скопје на 24 јуни беа преполни со насмеани и позитивни луѓе, припадници на ЛГБТИ заедницата и поддржувачи, кои маршираа заедно обединети во борбата за еднакви права за сите.
Од оваа година, Парадата се отвори како платформа и за многу други каузи и групи кои сакаа својата порака да ја пренесат на јавноста, да бидат повидливи и препознаени со своите обележја.
Почетната точка, како и претходните години беше паркот „Жена-борец“, од каде беа испратени главните пораки на Прајдот. Свои обраќања имаа активистката Лила Милиќ и претставникот на Партијата на Зелените од Германија, Мина Џек, како и мајката на геј момче, Славица Гајдаѕис Кнежевиќ која гордо го изоди маршот за еднаквост на ЛГБТИ луѓето.
Трансродовата активистка, Лила Милиќ, рече дека и таа се залага за семејни вредности, но не и за омраза.
„Противниците на ЛГБТ заедницата мислат дека семејни вредности се да ги мразиш различните, мажот да одлучува и да ги контролира жената и децата во семејството, да се однесува насилно и тоа да му се простува. Не, тоа не се семејни вредности во демократско општество“, громогласно говореше Милиќ.
Емотивно зборуваше и Славица Гајдаѕис Кнежевиќ, психијатар и мајка на геј син. Им порача на родителите да не ги осудуваат своите деца, туку да ги прифатат онакви какви што се.
„Сексуалната ориентација и родовиот идентитет не се избор на нашите деца. Тие не избираат да се различни. Тие се едноставно различни“, кажа таа.
Мина Џек Толу, транс-активист и член на комитетот на Европските Зелени ги сподели своите искуства со говорот на омраза како транс лице, но и политичар, зборуваше за улогата на Зелените во борбата за човековите права. Инспиративно говореше за Малта, од каде што потекнува и каде од 2015 година законите ги признаваат транс луѓето што им овозможува подостоинствен живот.
И оваа година се маршираше во попладневните часови, низ центарот на Скопје, а крајната точка беше Стадионот на АРМ во Градскиот парк. Програмата на Парадата со свои настапи ја збогатија големата македонската музичка ѕвезда, Тамара Тодевска, како и прекрасните Дејан Сламков, Vinya, Ронда Ву, Iggy Mona Asentra, Daria Buffy, Fendy Mama, Zoi Plastic, Alexis VanderCunt, Sunnoka, Loakiin, Виолета Качакова, Galatheia и Stefan Strange.
Организациониот одбор на четвртата скопска Парада на гордоста им благодари на сите граѓани коишто со лично присуство придонесоа да се создаде величествена атмосфера на заедништво и солидарност, наспроти бројните изливи на омраза, кои се придружен дел од сите случувања за видливост на ЛГБТИ заедницата. Скопје Прајд како настан кој ги отфрла прангите на стигмата, на системското и семејното насилство, ги надвладеа сите зборови полни со омраза и нетрпеливост без оглед дали тие доаѓаат од страна на политичари, медиумски работници или од социјалните мрежи.
Најголеми пофалби упатуваме до волонтерите, кои безрезервно се вложија во организацијата на Парадата и на промотивните настани. Изразуваме благодарност до Министерството за внатрешни работи, чии припадници и годинава високо професионално го обезбедуваа Прајдот, како и до Министерството за одбрана, кое ни овозможи да го користиме армискиот стадион за забавниот дел од програмата.
Скопје Прајд 2023 беше поддржан од Фондацијата Отворено општество Македонија и Фондациите Отворено општество Западен Балкан, Амбасадата на Соединетите Американски Држави и Амбасадата на Република Франција во Република Северна Македонија, Sigrid Rousing Trust, Civil Rights Defenders, Фондација Заев – Едно општество за сите, Мелон Технологии.


