Премини на содржината

Скопје Прајд, граѓански организации и пратеници на Светската парада на гордоста во Данска

Минатата недела, меѓу 16-ти и 21-ви август 2021 г., активист(к)и од повеќе граѓански организации коишто работат на унапредување на човековите права и коишто стојат зад организирањето на Скопје Прајд, како и пратеници/чки од Интерпартиската парламентарна група во Собранието на РСМ за унапредување на правата на ЛГБТИ луѓето, учествуваа на Меѓународната конференција за човекови права во Копенхаген, Данска и на Самитот за граници, бегалци и имиграција во Малме, Шведска, во рамките на „World Pride 2021“. Покрај учеството на овие два настана, активист(к)ите и пратениците/чките маршираа и на Светската парада на гордоста 2021 во Копенхаген.

На настаните околу Светската парада на гордоста 2021 присуствуваа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ – Тимчо Муцунски, заменик координатор на Интерпартиската парламентарна група, Љупчо Пренџов од ГРОМ, Моника Зајкова од ЛДП, Снежана Калеска-Ванчева од СДСМ и координаторката на групата Маја Морачанин од ДОМ која имаше свое излагање во рамките на Меѓународната конференција за човекови права.

Во фокусот на овие настани беа човековите права на ЛГБТИ луѓето во целиот свет, со посебен фокус на загрозените ЛГБТИ луѓе во земји како Полска, Унгарија и Русија, а голем дел од работилниците се осврнаа на интерсекциската дискриминација на луѓе коишто, покрај нивниот ЛГБТИ идентитет, припаѓаат и на други маргинализирани групи, на пр. расни и етнички малцинства, бегалци, имигранти, млади итн.  

Со учеството на ваквите конференции и паради се зголемува видливоста на ЛГБТИ заедницата од Македонија односно се истакнуваат приоритетните проблеми со кои се соочува заедницата, се воспостапува соработка со претставници од различни организации и институции, со цел тие искуства да се пренесат кај нас и похрабро да се настапи во унапредувањето на правата на ЛГБТИ луѓето во Македонија.

Од излагањата за време на Меѓународната конференција за човекови права во Копенхаген, како и од оние за време на Самитот за бегалци, имиграција и граници, можеше да се забележи силна декларативна поддршка од страна на меѓународните организации како ЕУ и Обединетите нации, и залагање за унапредување на пристапот до човекови права и слободи на луѓето коишто се дел од ЛГБТИ заедницата. Очекуваме дека политичките претставници од Македонија, а особено опозицијата, активно ќе се залагаат за унапредување на статусот и правата на сите ЛГБТИ лица, ќе ги промовираат ваквите заложби во своите говори како во парламентот така и во јавноста, во најскор можен рок ќе го донесат Законот за матична евиденција со цел правно признавање на родот и ќе се залагаат за ефикасна заштита на жртвите на дела од омраза и говор од омраза и пропорционално санкционирање на сторителите.

е-Билтен

Регистрирајте се на нашата мејлинг листа за да бидете во тек со новините и активностите

Забелешка: На вашата е-пошта ќе стигне порака од нас со линк на кој треба да кликнете за да ја комплетирате регистрацијата.

Апликација за волонтер

За почеток, претставете ни се.
Како можеме да ве контактираме?
Кои се вашите вештини и интереси?